Општи услови за учество на јавен повик за изработка на концепт за лансирање на Иуте Пeј

Датум на објавување: 27.04.2026 година

Член 1: Организатор

  • Организатор на јавниот повик за изработка на маркетинг стратегија (во натамошниот текст: „Конкурс“) е Институција за електронски пари ИУТЕ ПЕЈ ДООЕЛ Скопје, со седиште на ул. Столтенбергова бр.4, Ламела А/ДП 1, Скопје, ЕМБС: 7822553, ЕДБ: 4080025628487, застапувано од Александар Петковски (во натамошниот текст: „Организатор“).
  • Организаторот го спроведува овој Конкурс во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи, Законот за авторското право и сродните права, Законот за заштита на личните податоци и останати применливи прописи.

Член 2: Предмет и цел на Конкурсот

  • Предмет на овој Конкурс е изработка на концепт за лансирање на Иуте Пеј која треба да опфати:
    • Едно видео во траење од најмногу 60 секунди во кое тимот треба да одговори на прашањето “Како би направил Иуте Пеј да стане MUST-HAVE за Gen Z за 30 дена?“
    • Една презентација во .ppt или .pdf формат од најмногу десет слајдови односно страници во која тимот треба да разработи идеја за лансирање на Иуте Пеј, вклучително и алатки за промоција со цел постигнување што поголема виралност. (во понатамошниот текст: Авторски дела)
  • Целта на Конкурсот е да се поттикне креативноста и академското знаење на студентите, да се промовираат нови идеи во областа на маркетингот и да се избере најдоброто понудено решение кое Организаторот ќе може да го користи за своите комерцијални цели.

Член 3: Право на учество

  • Право на учество на Конкурсот имаат сите редовни и вонредни студенти запишани на додипломски студии на акредитираните високообразовни установи во Република Северна Македонија, кои имаат наполнето 18 години и имаат целосна деловна способност.
  • Учеството е тимско (коавторско), а тимот може да брои најмалку три (3) и најмногу седум (7) члена, при што сите членови мора да ги исполнуваат условите од став (1) на овој член.
  • Вработените кај Организаторот, членовите на нивните потесни семејства, како и сите лица кои се директно вклучени во организацијата и спроведувањето на овој Конкурс, немаат право на учество.

Член 4: Начин и рок на пријавување

  • Пријавувањето за учество на Конкурсот се врши исклучиво по електронски пат, преку пополнување на онлајн формулар достапен на официјалната веб-страница на Конкурсот: iute.mk.
  • Рокот за поднесување на пријавите на тимовите започнува од моментот на официјално јавно објавување на повик и завршува на 18.05.во 23:59 часот. Пријавите поднесени по истекот на овој рок нема да бидат земени предвид.
  • При поднесување на пријавата, секој учесник (или овластен претставник на тим) е должен и изјавува:
    а) Да ги пополни сите задолжителни полиња во онлајн формуларот со точни и целосни податоци.
    б) Дека експлицитно се согласува со овие Општи услови и со Политиката за приватност.
  • Со пријавените тимови ќе се одржи онлајн состанок преку комуникациски канал од Организаторот на кој на тимовите ќе им се дадат детални информации и насоки (брифинг).
  • Рокот за поднесување на изработените Авторски дела започнува на 18.05.2026 година и завршува на 01.06.2026 година во 23:59 часот. Авторските дела поднесени по истекот на овој рок нема да бидат земени предвид. При поднесување на Авторските дела, тимовите се должни да ги пополнат сите задолжителни полиња во онлјан формуларот, како и да ги прикачат Авторските дела.
  • Овие Општи услови ја обврзуваат секоја договорна страна (учесник) бидејќи ѝ биле познати и достапни пред и во моментот на пријавувањето и поднесувањето на Авторското дело како што е опишано во овој член.

Член 5: Правила на Конкурсот и избор на победник

  • Предселекција ќе ја прави тим составен од вработени кај Организаторот и поврзаните компании, во координација со експерти и претставници од академската заедница. Критериумите за избор во оваа фаза се однесуваат исклучиво на основни начела на праведност, етика, морал и корелација со поставената задача.
  • Сите пристигнати Авторски дела кои ги исполнуваат условите од овој Конкурс ќе бидат објавени на официјалната веб-страница на Конкурсот на ден 03.06.2026 година. Објавувањето ќе го содржи насловот на делото и името на тимот.
  • Изборот на победничкото Авторско дело ќе се врши преку јавно гласање на истата веб-страница. Периодот на гласање ќе трае од 03.06.2026 до 29.06.2026 година во 23:59 часот.
  • Организаторот ќе вклучи мерки за спречување на злоупотреби и обезбедување на фер натпревар.
  • За победник на Конкурсот ќе биде прогласено Авторското дело кое ќе освои најголем број валидни гласови до истекот на рокот за гласање.
  • Прогласувањето на победникот ќе се изврши јавно на веб-страницата на Конкурсот најдоцна до 05.07.2026 година.

Член 6: Награда

  • Организаторот обезбедува награда за трите решенија со најмногу јавни гласови, која се состои од нето износ од:
🥇 1-во место

3.000 €

🥈 2-ро место

2.000 €

🥉 3-то место

1.000 €

 

  • Наградата се исплатува на платежна сметка на тим лидерот, а се дели меѓу членовите на тимот согласно нивниот меѓусебен договор во кој Организаторот нема никакви овластувања.
  • Наградата ќе биде доделена во рок од 30 дена од денот на јавното прогласување на победникот.

Член 7: Интелектуална сопственост и авторски права

  • Секое Авторско дело поднесено на овој Конкурс мора да биде оригинална и индивидуална интелектуална творба на тимот. Учесниците гарантираат дека со поднесеното дело не се повредуваат авторски или други права на интелектуална сопственост на трети лица.
  • Морални права: Моралните права (право на признавање на авторство, право на заштита на интегритетот на делото и др.) се нераскинливо поврзани со авторот и не можат да се пренесат. Организаторот се обврзува при секое користење на Авторското дело да го наведе името на тимот.
  • Пренос на материјални права: Со самото пријавување на Конкурсот и прифаќање на овие Општи услови, секој учесник неотповикливо се согласува и на Организаторот му ги пренесува, во целост, сите материјални авторски права врз поднесеното Авторско дело, како што се дефинирани во Законот за авторското право и сродните права, вклучувајќи, но не ограничувајќи се на:
    а) право на умножување;
    б) право на пуштање во промет;
    в) право на јавно соопштување (вклучително и ставање на располагање на јавноста преку интернет);
    г) право на преработување на делото.
  • Преносот на материјалните права од став (3) на овој член е исклучив, територијално неограничен и временски неограничен (за цело времетраење на заштитата на авторските права).

Член 8: Заштита на лични податоци

  • Организаторот, во улога на контролор на лични податоци, се обврзува да ги обработува личните податоци на учесниците во согласност со Законот за заштита на личните податоци и со Политиката за приватност на овој Конкурс, која е достапна на нашата веб страна и претставува составен дел на овие Општи услови.
  • Со прифаќање на овие услови, учесникот потврдува дека е запознаен со Политиката за приватност и дава изречна согласност за обработка на неговите лични податоци за целите наведени во истата.

Член 9: Дисквалификација и одговорност

  • Организаторот го задржува правото да дисквалификува учесник во било која фаза од Конкурсот доколку:
    а) Учесникот не ги исполнува условите за учество од Член 3.
    б) Се утврди дека поднесените податоци се неточни или лажни.
    в) Авторското дело не е оригинално или повредува права на трети лица.
    г) Учесникот се обиде да манипулира со процесот на гласање.
    д) Учесникот на било кој начин ги прекрши овие Општи услови.
  • Секој тим е целосно одговорен за оригиналноста на своето Авторско дело и се обврзува да го заштити и обесштети Организаторот од сите и секакви побарувања од трети лица кои би произлегле од повреда на авторски или други права на интелектуална сопственост.

Член 10: Завршни одредби

  • Организаторот го задржува правото да ги измени или дополни овие Општи услови, со обврска за тоа навремено да ја извести јавноста преку објава на официјалната веб-страница на Конкурсот.
  • Во случај на спорни или нејасни одредби, истите ќе се толкуваат во согласност со начелата на облигационото право и во духот на целите на Конкурсот.
  • За сите прашања кои не се уредени со овие Општи услови, директно се применуваат одредбите од важечките закони во Република Северна Македонија.
  • Евентуалните спорови кои би произлегле од овој Конкурс, страните ќе се обидат да ги решат по мирен пат. Доколку тоа не е можно, надлежен е Основниот граѓански суд во Скопје.
  • Овие Општи услови влегуваат во сила со денот на нивното објавување на веб-страницата на Конкурсот.

ОРГАНИЗАТОР
Институција за електрноски пари ИУТЕ ПЕЈ ДООЕЛ Скопје

Александар Петковски, Управител